Startup Ohrid
Ова е неговата приказна – за менторите што поставуваа вистински прашања, тимовите што работеа како едно, и сцената на која идеите добиваат живот.
1. Што те мотивираше да се пријавиш на Startup Weekend Ohrid и со каква идеја дојде?
Мотивацијата произлезе од желбата за вмрежување со професионалци од областа на стартап бизниси и програмирање, како и од стремежот кон унапредување на вештини поврзани со истражување на пазарот, програмирање, развој на маркетинг стратегии и ефективно презентирање пред публика.
Мојата идеја се засноваше на решавање на реален пазарен проблем – креирање агрегатор кој ќе ги обедини цените на компјутерски делови и галантерија од различни продавници на едно место.
2. Какво е твоето искуство досега – соработката со тимот, менторите, атмосферата?
Искуството беше значително подобро и по-позитивно од очекуваното. Секој од менторите беше исклучително подготвен да помогне во надминување на предизвиците со кои се соочуваа нашите бизнис-идеи. Со скромен и прецизен пристап, нè насочуваа како да размислуваме стратешки и критички, без да ни ги наметнат решенијата. Овој процес ми помогна да развијам подлабоко, аналитичко размислување и да се фокусирам на суштинските проблеми поврзани со нашата стартап идеја. Атмосферата ја обликуваа самите тимови, од кои секој беше целосно посветен на тоа нивната идеја да биде најдобро развиена и претставена во текот на трите интензивни дена. Секоја индивидуа во тимовите покажа натпреварувачки дух, но истовремено и подготвеност за соработка и поддршка кон останатите учесници, создавајќи мотивирачка и продуктивна средина.
3. Дали ти се смени визијата за претприемништво откако си тука?
За само три интензивни дена, мојата визија за претприемништвото се трансформираше речиси целосно. Верувам дека и кај поголемиот дел од учесниците чувството беше слично – искуството ни отвори нови перспективи и начини на размислување.
4. Кој момент од настанот досега најмногу ќе го паметиш?
Моментот кога секоја група на ментори одвои барем 15 минути за искрено да ја разбере нашата бизнис идеја и да ни помогне со предизвиците со кои се соочувавме беше навистина вреден. Во текот на тие неколку часови менторство, сфатив колку малку всушност знаев за сопствената идеја – колку прашања не сме си ги поставиле и колку препреки не сме ги ни предвиделе, а камоли решиле.
5. Како се носиш со предизвикот да презентираш идеја за толку кратко време?
Горд сум на моето искуство и на желбата за презентирање пред публика. Иако имам претходно искуство, тремата беше присутна – но и мотивирачка. Најуникатниот момент беше предизвикот да ја пренесеме целата идеја, развивана три дена, во само три минути. Она што навистина ги разликува добрите од одличните претприемачи е способноста да ја комуницираат својата идеја јасно, концизно и суштински – дури и во најограничено време.
6. Што научи од другите тимови и идеи што ги слушна тука?
Kога креативни умови се здружуваат, со добра тимска координација и водство, може за многу кратко време да се изгради функционален производ, да се додадат корисни функционалности и да се развијат одлични идеи преку брејнсторминг.
7. Дали те инспирира овој настан да продолжиш да работиш на својата идеја и по завршувањето?
Пред настанот не очекував дека ќе добијам мотив да продолжам со оваа или било која идеја. Но по интеракцијата со менторите и инспирацијата од нивните успеси, сега сум помотивиран од кога било да ја развивам својата идеја понатаму.
Веста и текстот се делумно превземени од порталот WebMind.mk, кој заедно со Стартап Охрид и Охрид Тех Сити беа еден од главните поддржувачи и медиумски партнери на Стартап Викенд Охрид 2025.
Јован Иловски е студент на постдипломски студии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, кој паралелно работи на низа **иновативни решенија и развојни проекти во делот на вештачката интелегенција и новите веб технологии.**Во пријатен разговор со него откриваме детали за неговиот развоен пат, за неговите искуства и предизвици во развојот на софтверски решенија како и за тимот со кој ја разви апликацијата Џиниус Офр(Genius Offer)-AI алатка за генерирање на маркетинг понуди.Зборуваме и за неговите искуства и импресии од учеството на разни натпревари и хакатони, со осврт на искуството од Стартап Викенд Охрид 2022 на кое освои прво место и за неговите очекувања пред и по освоената награда.
Најпрво го прашавме за најновиот проект кој го лансира тимот со кој работи, за што се работи, како дошле до идејата за развој на овој продукт и кога ги поставиле првите нацрти за неговото создавање.
Што е Џиниус Офр(Genius Offer) и за кого е наменета оваа апликација?
Genius Offer AI е алатка базирана на вештачка интелигенција, наменета за брзо и лесно креирање на убедливи маркетинг-понуди. Преку оваа платформа, корисниците внесуваат основни информации за својот бизнис, производи и целна публика, а потоа добиваат ефективни понуди кои се специјално генерирани за да ја зголемат продажбата и конверзијата кај потенцијалните купувачи. Оваа алатка е наменета најмногу за:
Нејзината цел е да им помогне на корисниците кои сакаат да ја подобрат ефикасноста на нивните маркетинг кампањи, да креираат привлечни понуди, e-mail кампањи и да ја презентираат нивната понуда на начин на којшто подобро ќе ја таргетираат нивната публика.
Со Genius Offer AI, процесот на креирање понуди станува значително побрз и полесен, со што корисниците штедат време и ресурси, а истовремено ја зголемуваат ефективноста на нивните маркетинг-активности.
Кој проблем го решава истата и какви функционалности им пружа истата на корисниците (како истата им помага на корисниците - што подобрува, што намалува, што поттикнува итн.)? На кој принцип функционира оваа апликација и за кого е наменета?
Genius Offer AI го решава проблемот со креирање ефективни и убедливи маркетинг-понуди. Бизнисите и маркетинг-професионалците често се соочуваат со потешкотии кога треба да направат продажна понуда која ќе биде јасна, интересна, привлечна и соодветно приспособена за нивната публика. Овој процес знае да биде долготраен, напорен и неефикасен, а понекогаш и неуспешен, што резултира во слаба конверзија и изгубен потенцијален профит. Genius Offer AI им помага на корисниците преку повеќе функционалности:
Корисникот дава одговор на одредени прашања поврзани со дејноста која ја извршува (тип на бизнис, производ, целна публика, и сл.), а Genius Offer AI користи претходни успешни примери и шаблони за да предложи оптимални маркетинг понуди.
На кој начин оваа апликација ќе им помага на корисниците при користењето на истата? Кој реален проблем го решава?
Genius Offer AI им помага на корисниците со тоа што го поедноставува и автоматизира процесот на креирање маркетинг-понуди, овозможувајќи лесно и брзо создавање на персонализирани и привлечни содржини според специфичните потреби на бизнисот и неговата целна публика. Со автоматското генерирање на содржините, апликацијата го намалува времето и напорот кои корисниците би ги потрошиле за пишување и испробување на различни маркетинг-стратегии, а истовремено користи проверени маркетинг-принципи за зголемување на конверзијата и продажбата. Дополнително, Genius Offer AI им помага на корисниците полесно и побрзо да донесат квалитетни одлуки за типот и содржината на нивните понуди, притоа поттикнувајќи креативност и иновативност преку нови идеи и предлози. Апликацијата постојано се подобрува, учејќи од однесувањето и повратните информации на корисниците, што со текот на времето овозможува создавање на сè подобри и поефективни понуди. Ваквата помош доведува до поефикасно маркетинг-работење, намалување на грешките, подобрена комуникација со купувачите и општ раст на бизнисот.
Кој стои зад тимот кој ја изработи апликацијата Џиниус Офр(Genius Offer)?
Genius Offer AI е развиена од Eagle IT Solutions, компанија специјализирана за развој на иновативни технолошки решенија, како интерен продукт од компанијата. Тимот на Eagle IT Solutions чиј дел сум и јас се состои од искусни професионалци во областа на вештачката интелигенција, маркетингот и развојот на софтвер, кои заедно работат на создавање на платформи како Genius Offer AI.
Како дојдовте до идеја да ја изработите Genius Offer? (што забележавте, каков проблем увидовте за да дојдете до решение со вашата апликација, како решивте да му излезете во пресрет на проблемот итн. )
Genius Offer настана од забелешката дека голем број претприемачи и мали бизниси се соочуваат со сериозни предизвици при креирањето на ефикасни маркетинг-понуди. Нашиот тим забележа дека повеќето компании често губат време и ресурси во експериментирање и тестирање на различни маркетинг-стратегии, но сепак не успеваат да постигнат доволно добри резултати поради недостаток на знаење или пристап до професионални маркетинг-алатки. Воочувајќи го овој проблем, решивме да понудиме практично решение преку иновативна платформа што автоматски ќе генерира привлечни и персонализирани понуди со помош на вештачката интелигенција. Целта ни беше да им овозможиме на корисниците брзо и едноставно да креираат понуди што ќе бидат поефективни, ќе ја зголемат продажбата и конверзијата, и ќе им помогнат да се истакнат во конкуренцијата. Вака ја создадовме Genius Offer—платформа што директно им излегува во пресрет на реалните потреби на малите бизниси и маркетинг-тимовите, овозможувајќи им да го максимизираат својот потенцијал со минимален напор.
Со кои предизвици се соочувавте за време на развојот на идејата (или поконкретно од фазата на идеја до фазата на MVP(МОП-Минимум Остварлив Производ) и изработка на апликацијата?
При развојот на Genius Offer, нашиот тим се соочи со неколку значајни предизвици од фазата на почетната идеја до создавањето на минималниот остварлив производ (MVP). Првиот предизвик беше јасно дефинирање на потребите и очекувањата на целната публика, бидејќи беше неопходно да ја разбереме комплексноста на проблемот што сакаме да го решиме. Понатаму, интегрирањето на вештачката интелигенција и насоките кои требаше да и се дадат на истата, беше комплексен технички предизвик. Дополнително, требаше да балансираме помеѓу техничката комплексност на алатката и потребата за едноставен и интуитивен кориснички интерфејс. Тоа значеше дека требаше да направиме платформа што ќе биде лесна за користење, дури и за корисници кои немаат претходно искуство со слични алатки. Исто така, се соочивме и со ограничени ресурси и временски рамки, што нè примора да бидеме многу селективни при дефинирањето на функционалностите за MVP фазата. И покрај овие предизвици, тимот успеа да ги надмине преку константно тестирање, фокусирани итерации, и директна комуникација со потенцијални корисници.
Колку време работевте на изработка на идејата (проектот) и како стигнавте до оваа фаза на ланисирање на истата?
Развојот на Genius Offer AI започна со идентификување на потребата за алатка која ќе им помогне на бизнисите брзо и ефикасно да креираат убедливи понуди. Од почетната идеја до лансирањето на минимално одржливиот производ (MVP), процесот траеше неколку месеци. Во ова време, тимот се фокусираше на истражување на пазарот, развој и тестирање на платформата за да се осигура нејзината ефикасност и прифатливост. Овој пристап овозможи создавање на платформа која ги задоволува потребите на корисниците и е подготвена за лансирање во MVP фазата.
Што ве мотивираше најмногу за да стигнете до оваа фаза?
Најголема мотивација беше желбата да се реши проблемот со креирање ефективни маркетинг-понуди и да им се помогне на малите бизниси, маркетери и претприемачи да постигнат подобри резултати со помалку напор. Верувавме во нашите знаења, вештини и способности, но и во тоа дека технологијата може да направи значителна разлика во начинот на кој луѓето пристапуваат кон продажбата и маркетингот. И покрај сите предизвици, упорноста и вербата во успехот секогаш те одржуваат на вистинскиот пат.
Дополнително, компактноста и мултидисциплинарноста на тимот беа клучни фактори – секој од нас донесе различна експертиза од областа на програмирање, вештачка интелигенција, маркетинг, бизнис и претприемништво, што ни помогна да ги надминеме предизвиците. Нашата решителност да успееме и покрај сите пречки, заедно со тимската синергија, ни овозможи да ја донесеме до MVP фазата.
Јован, студент сте на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.Во колкава мера стекнатото знаење и вешини за време на образовниот процес ви овозможија полесно да ја развиете вашата идеја?Што е тоа што ви го понуди факултетот/овбразовниот процес а сметавте дека не би можеле да го стекнете на друго место(факултет)? Кои ви беа/се омилени предмети, какви афинитети развивте кон истите и како ви помогнаа тие во текот на развојот?
Како студент на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, можам да кажам дека стекнатото знаење и вештини за време на образовниот процес ми помогнаа значително во развојот на идејата и нејзината реализација. Факултетот ми понуди солидна техничка основа, но истовремено и практично искуство кое ми овозможи полесно да ги разберам проблемите со кои се соочуваат бизнисите и средината и како технологијата може да ги реши.
Јован, кои ваши претходно стекнати предзнаења (вештини) во образовниот процес ви помогнаа најмногу во обмислувањето и развојот на идејата?
Моето образование во областа на компјутерските науки и инженерство ми помогна да развијам инженерски пристап кон решавање на проблеми. Техничките предмети како Софтерско Инженерство, Интернет Програмирање, Машинско Учење и многу други, ми овозможија да стекнам солидна основа за користење на соодветни алатки и технологии во различни проблемски контексти. Од друга страна, предмети како Е-Бизнис ми помогнаа да гледам и од бизнис перспективата, односно како да се пласира еден производ на пазарот, како да се спроведуваат истражувања и како да се создаде успешна бизнис-стратегија.
Покрај формалното образование, моето учество на различни хакатони и стартап натпревари, како што се Startup Weekend Ohrid, Game Jam+ и проектот Mpreneur, ми овозможија да стекнам практично искуство, да разберам како различни делови од светот се соочуваат со уникатни предизвици и да се поврзам со претприемачи и инженери од различни индустрии. Дополнително, учеството во акцелераторски програми, како што е „Од идеја до реален бизнис“ на „Сеавус Акцелератор“, „Сеавус Едукативен центар“ и „Национален младински совет на Македонија“, како и присуството на престижниот Web Summit, еден од најголемите настани од IТ сферата, ми овозможија да стекнам драгоцено знаење за стартап екосистемите, претприемништвото и начинот на кој успешните технолошки компании го пробиваат својот пат на глобалниот пазар. Воедно да се има поддршка од локалната стартап заедница и да се биде дел од локалниот стартап екосистем како што е Стартап Охрид е од огромна помош и значење.
Што го прави така компактен и успешен вашиот тим за да може успешно да ја развие и лансира апликацијата?
Нашиот тим е успешен и компактен благодарение на неговата мултидисциплинарност, каде што секој член има специфична улога и придонесува со своите вештини и експертиза. Оваа разновидност ни овозможи да ги покриеме сите клучни аспекти потребни за развој, оптимизација и лансирање на продукти.
Дали имавте поддршка во изминатиот период и од кого?
Идејата ја развивавме интерно во компанијата како наш продукт, па одлучивме да ја претставиме истата пред глобална публика на Web Summit во Лисабон, каде што се стекнавме со корисни информации и совети, како од потенцијални партнери, така и од клиенти кои ја испробаа апликацијата и ни ја трасираа патеката за во иднина, па може да се каже дека тоа е најголемата поддршка која ја добивме.
Кој тип на поддршка ви беше најдрагоцена при развојот на идејата?
При развојот на Genius Offer AI, секој од нас на различен начин поединечно допринесе во успешоста на проектот, но воедно не изостана и меѓусебното помагање и надополнување со нашите вештини и способности (скил-сетови) од различни области. Можам и да ја издвојам видливоста-можноста јавноста да ја запознаеме со нашата идеја преку учество и експонирање на истата на настани од светски/глобален карактер.
Што сметате дека најмногу ви недостасуваше при реализацијата на идејата и апликацијата?
При реализацијата на Genius Offer AI, сметам дека најмногу ни недостасуваа ресурси и финансии. Иако тимот имаше силни технички вештини и претприемачки дух, некои други клучни фактори (како финансии, човечки ресурси со специфични знаења и вештини, достапност до таленти со познавања на напредни програмски јазици и технологииитн. ) можеа да ни бидат од помош за полесно и побрзо да ја развиеме и лансираме апликацијата, а и да ја доведеме до некоја наредна фаза.
Што би предложиле за истото да се промени или подобри?
Прво, би било корисно да се организираат повеќе натпревари, хакатони и стартап настани, бидејќи тие овозможуваат тестирање на идеите, стекнување на вештини и вмрежување со потенцијални партнери. Исто така, потребни се повеќе можности за презентирање на апликации и стартапи пред поширока публика, што би овозможило привлекување на инвеститори и корисници.
Дополнително, би помогнало подобро вмрежување со искусни претприемачи и креатори на слични апликации, како и развој на менторска мрежа, каде што успешни стартапи и експерти би споделувале своите искуства и совети. Исто така, треба да има повеќе извори на финансирање, вклучувајќи грантови, стартап фондови, инвеститорски програми и поддршка од институции, за да се помогне во раните фази на развој.
Кое е мотото на Џиниус Офр (Genius Offer) и зошто се одлучивте баш за истото?
Мотото на Genius Offer AI е: „Создавајте понуди толку добри што луѓето ќе се чувствуваат глупаво да кажат не'“.
Се одлучивме за ова мото бидејќи совршено ја отсликува нашата мисија: да им помогнеме на бизнисите да креираат неодоливи и убедливи понуди кои директно резонираат со нивната целна публика.
Ова мото е инспирирано од книгата "$100M Offers" на Алекс Хормози, која детално објаснува како да се креираат неодоливи и висококонвертирачки понуди што ги привлекуваат клиентите и ги зголемуваат продажбите.
Што се однесува до вашето последно лансирано решение, апликацијата Џиниус Офр(Genius Offer), на кој начин би ги заинтересирале корисниците да ја користат истата?
За да ги заинтересираме корисниците да ја користат Genius Offer AI, веќе нудиме бесплатна пробна верзија, овозможувајќи им да ја тестираат алатката и да увидат нејзината вредност во подобрување на нивните маркетинг понуди. Преку таргетиран маркетинг, блогови и видеа, покажуваме како бизнисите можат да ги зголемат своите конверзии.
Кои се вашите развојни планови и идни предизвици? Дали планирате надградби на апликацијата и какви?
Нашите развојни планови за Genius Offer AI вклучуваат континуирани надградби со цел подобрување на функционалностите и проширување на можностите што ги нуди апликацијата.Го користиме постојаниот фидбек што го добиваме, за да ја доусовршуваме и да додаваме нови функционалности.
Која е вашата најомилена парола(мисла) која ве движи и мотивира да се движите напред?
Една од мислите што ме мотивира и ме движи напред е: "Ако не постои пат, создади го." Оваа мисла ја одразува мојата верба дека не треба да чекаме можности – треба сами да ги создадеме. Во светот на технологијата и претприемништвото, иновациите не доаѓаат само од следење на веќе воспоставени правила, туку и од храброста да се создаде нешто ново, дури и кога патот не е јасно дефиниран.
Кој е ваш најомилен претприемач или претприемачи како role-model-и (примери) на кого се огледате и зошто?
Еден од претприемачите на кои најмногу се огледувам е Илон Маск. Неговата способност да размислува визионерски и да презема храбри чекори во индустрии каде што многумина не се осмелуваат е нешто што навистина ме инспирира. Неговата работа со Tesla, SpaceX, Neuralink и други компании покажува дека со доволна посветеност и иновативност, можеш да ги поместиш границите на можното. Она што најмногу го ценам кај Маск е неговата непоколеблива верба во своите идеи, дури и кога сите околу него мислат дека се невозможни.
Јован, пред равојот и изработката на апликацијата Џиниус Офр(Genius Offer) во изминатиот период учествувавте на неколку натпревари, и воедно се стекнавте со неколку награди меѓу кои со првото место на Стартап Викенд Охрид 2022/Startup Weekend Ohrid 2022.Можете ли да ни го пренесете стекнатото искуство и импресиите од настанот?
Учеството на Startup Weekend Ohrid 2022, каде што освоивме прво место, беше едно од најзначајните искуства што ми помогнаа во мојот претприемачки и кариерен развој. Тоа беше првиот настан каде што вистински доживеав како изгледа процесот на претворање на идеја во реален продукт за само 54 часа, работејќи во тим, под менторство на искусни претприемачи и професионалци.
На овој настан научив како да валидирам бизнис идеја, да подготвам бизнис план, да ја развијам MVP верзијата на продуктот за кратко време и како успешно да го презентирам пред публика и инвеститори. Една од најважните вештини што ги стекнав беше подготовката на бизнис презентација (pitching) – како да ја раскажам приказната за производот на начин што ќе ги убеди жирито и потенцијалните инвеститори во неговата вредност. Сепак, прво треба вие самите да верувате во идејата за да ги убедите и другите да веруваат во истата.
По овој настан, продолжив да учествувам на други натпревари како Game Jam+, каде што се стекнав со искуство во развој на дигитални продукти, тимска работа во динамична средина и брза имплементација на идеи. После тоа, учестував во проектот mPreneur преку Порака Нова, кадешто имав можност да презентирам идеја пред интернационална публика на фестивалот WSA Young Innovators во Грац, Австрија.
Овие настани и натпревари, ме научија дека успешните стартапи не се создаваат само со добра идеја, туку со способноста да ја реализирате, да ја валидирате, да ја презентирате и да ја адаптирате според потребите на пазарот.
Кажете ни нешто повеќе за идејата, односно за апликацијата Advices.mk со која настапивте на Стартап Викенд Охрид 2022 и со која освоивте прва награда? Што беше основната замисла на тимот и што ве донесе до првото место?
На Startup Weekend Ohrid 2022, нашиот тим ја создаде платформата Advices.mk, која освои прво место. Идејата беше да се креира дигитална платформа која ги поврзува граѓаните со адвокати, овозможувајќи едноставен пристап до правни совети, особено за лица што живеат во рурални или оддалечени средини. Прототипот нудеше приказ на адвокати со нивните портфолија, при што корисниците можеа да изберат адвокат што најмногу им одговара, да прикачат документи и да воспостават директна комуникација.
Нашата победа беше резултат на јасно дефиниран проблем и практично решение, брза валидација на идејата, како и ефективна презентација пред судиите.
Јован, погоре споменавте дека учествувавте на неколку натпревари, работилници, обуки и настани кои ви помогнаа во кариерниот развој и во развојот на неколку продукти(апликации).Дали би се пријавиле повторно на следни такви натпревари, односно настани и што би им препорачале на вашите врсници идни претприемачи?
Да, апсолутно би се пријавил повторно на вакви натпревари, работилници и настани, бидејќи тие одиграа клучна улога во мојот кариерен развој и во развојот на моите проекти и апликации. Овие настани ми овозможија да развијам нови вештини, да ги тестирам и валидирам моите идеи, да стекнам вредни контакти, како и да добијам менторска поддршка што ми помогна да ги унапредам моите претприемачки и технички способности. Би им препорачал да не се двоумат, туку активно да се пријавуваат и да учествуваат на стартап натпревари, хакатони, работилници и обуки, бидејќи придобивките се огромни. Овие настани не се само можност за натпреварување, туку и одлична платформа за учење, вмрежување и развој на бизнис и технички вештини.
За секој што сака да биде претприемач или да развива иновативни решенија, учеството на вакви настани е еден од најдобрите начини за личен и професионален развој. Дури и ако идејата во моментот не ви е целосно дефинирана, овие натпревари, хакатони и работилници ќе ви помогнат да ја изградите и да ја подобрите.
**Порака до идните млади претприемачи:**👉 Не се плашете да учествувате, пробувајте, учете, поврзувајте се и најважно – не се откажувајте!
Јован во моментот си студент на постдипломски студии на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид и паралелно вработен во софтверска компанија.Доколку повторно се запрашате денес за тоа како би изгледал вашиот иден кариерен пат од денешна перспектива, што би одговориле? Би избрале да се 1.самовработите , односно да основате сопствена компанија и да продолжите да “пливате“ во претприемачките води или пак би се одлучиле да се 2.вработите и да работите за друга компанија? Зошто го избравте било кој од одговорите?
Да, моментално работам како програмер и сум дел од тимот на Eagle IT Solutions во Струга, а исто така паралелно сум студент на постдипломски студии, на програмата за дигитална бизнис аналитка на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Покрај тоа, исто така сум демонстратор по предмети од прв циклус студии.
Засега, фокусиран сум да бидам активен во индустријата и во академијата, залагајќи се за нивна се поголема поврзаност. Во однос на мојот иден кариерен пат, целта ми е да продолжам во овие води и да ги пренесувам моите знаења и искуства на идните генерации.
За крај што би им (пре)порачале на вашите врсници и на останатите идни млади претприемачи кои имаат своја идеја/замисла?
На сите млади претприемачи и иноватори кои имаат идеја или замисла, би им порачал: не плашете се да започнете! Најголемиот ризик е да не направите ништо. Секоја голема идеја започнува со првиот чекор, без разлика колку мали ви изгледаат почетните можности.
Интервјуто е дел од заедничка проектна задача на студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле“ – Охрид, а со задоволство поддржан и од Стартап Охрид, првата формална организација за подршка на стартап и високотехнолошки компании во Охрид! Со задоволство ве очекуваме да ни се придужите во реализација на слични проекти и настани на следниот линк1 и линк2. Во меѓувреме за нови настани и вести пратете не на нашиот Startup Ohrid Facebook и Instagram профил.