entrepreneurship

„Стартап викенд Охрид“: Кога знаеш дека тоа што си го работел е вреднувано, те прави задоволен и те мотивира

R.M.

11.05.2022

Кога дознавме дека имаме прва награда, чувството беше неописливо – од една страна бевме изненадени, а од друга – горди на себе поради тоа што напорната работа од 54 часа ни се исплати – вели студентот на УИНТ

Јован Иловски е студент на Универзитетот на информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, еден од членовите на тимот што неодамна освои прво место на настанот „Стартап викенд Охрид“. Јован студира во трета година на Факултетот за компјутерски науки и инженерство. Вели дека се поттикнал да се пријави на настанот благодарение на агендата што ја видел на социјалните мрежи, но и поттикот што на студентите им го давале професорите.

– Имав неколку идеи што ми се вртеа во главата, но не размислував да ги конкретизирам и да ги реализирам. Кога се пријавив, размислив за една идеја и ја презентирав, па истата доби доволно гласови за да помине, но на крај формиравме друг тим со слична идеја. Кога дознавме дека имаме прва награда, чувството беше неописливо – од една страна бевме изненадени, а од друга – горди на себе поради тоа што напорната работа од 54 часа ни се исплати. Кога знаеш дека тоа што си го работел е правилно и вреднувано, навистина те прави задоволен и те мотивира – вели Јован.

На прашањето дали било тешко да се создаде тим, тој вели:

Голем дел од учесниците веќе беа пријавени како тим и ним им беше полесно, меѓутоа имавме доволно време да направиме селекција на потребните вештини, да комуницираме со другите учесници и тимови и на тој начин да го формираме најадекватниот тим. Така, при разговор и размена на идеи, одлучив да ја спојам мојата идјеа со идејата на друг учесник и да формираме тим.

Јован заедно со својот тим го создаде advices. mk, вид платформа што ги поврзува граѓаните со адвокатите. Таа би се состоела од листа на адвокати и нивното портфолио, па кој било би можел да го одбере адвокатот кој нему најмногу му одговара, да прикачи документ и да стапи во контакт со него.

– Оваа платформа е наменета за адвокатите, но и за граѓаните така што тие кои живеат во непристапни рурални места можат лесно да добијат адвокатска услуга, но и адвокатите кои тука не смеат да се рекламираат себеси, го шират нивниот дијапазон на работа – објаснува Иловски.

Студентот на УИНТ вели дека „Стартап викенд Охрид“ бил големо искуство за него, при што можел да оствари контакти, да размени мислења, да се здобие со искуства и вештини што едвај чека да ги вреднува.

– Очекувам дека ќе продолжиме со развивање на идејата, ќе ја продлабочиме соработката и ќе стигнеме до нашиот прототип до финален продукт – завршува студентот.

Текстот е превземен од порталот Умно.мк

About author:

R.M.

We are the first formal association of Ohrid’s tech community which includes companies, associations, institutions, meetups, and individuals.

1