Во продолжение го продолжуваме вториот дел од интервјуто со браќата Боби и Жанко Мојсовски, сопственици на инди студио за изработка на компјутерски видео игри лоцирано во Охрид од каде управуваат со успешен глобален бизнис и нижат светски успеси.
Во првиот дел од интервјуто кое го водевме со тимот на МистивДев (MystiveDev) откривме детали за нивните рани почетоци, предизвици и успеси при креирањето на игрите, како и за патот на успехот на овој млад креативен тим.
Во вториот дел од интервјуто ги прашавме за нивниот најнов проект (издадена игра), за трендовите и потенцијалот на гејминг индустријата, за можностите за промовирање на Охрид и Македонија како дестинација за развој на игри како и за идните планови и предизвици на МистивДев.
Имаат ли Македонија и Охрид потенцијал за развој на гејминг индустрија? Што би предложиле за да се поттикне и развие истата во Охрид и градот да стане потенцијален гејминг-центар(центар за развој на игри)?
Дефинитивно! Кај нас имаме доста млад кадар со потенцијал за учење и унапредување, меѓутоа од неколку разговори кои сме ги имале и неколку искуства, една работа која можиме да ја заклучиме е дека недостасува поттик, недостасува амбициозност и волја да успееш без разлика на се. Кога велиме, без разлика на се – ќе зборуваме од сопствено искуство. Ако целта е да се направи игра, треба добро да се испланира и да се размисли како да се дојде до таа цел. Еден од најдобрите цитати кој и ден денес ние го следиме “Ќе успееш кога ќе го замениш “не можам“ со “како можам“? Ова е на некој начин наш цитат, меѓутоа произлегува од цитатот на Роберт Кијосаки: Наместо да кажеш “не можам да си го дозволам тоа, да кажуваш: како можам да си го дозволам тоа? (Instead of saying “I can’t afford it”, change it to “How can I afford it?”. Истото се случува и кај нас. Не е битно дали препреката е маркетинг, ифлуенсерство, 3Д моделирање, програмирање – запрашајте се “како ќе го направам тоа?“ – Јутјуб? Курс на интернет? Ќе пишам до некој експерт на форуми или дискорд? Решението мора да го барате без разлика на се.
Како развојот на овие игри може да го промовираат Охрид и Македонија надвор во светот? Кои се придобивките на државата и на градот Охрид од развојот на ваква индустрија? Може ли да ни посочите низ примери како конкретно вие (MystiveDev) го промовирате Охрид и Македонија?
Одлично прашање и во баш вистински момент. Нашиот сегашен паблишер (Snail Games USA) имаат студија ширум светот, од Калифорнија до Кина. Само што добивме мејл кој вели дека нивните фанови, гејмери (што се бројат во милиони), многу често се интересираат за гејм девелоперите и нивните животи, а особено од каде доаѓаат. Па поради тоа, побараа од нас слики и видеа од Охрид, а набргу како дел од маркетингот на нашата најнова игра, ќе имаме едно ОГРОМНО изненадување за промоција на Охрид со една многу позната личност од нашите простори.
Зошто го одбравте токму Охрид за отворање на вашето инди студио? Што значи да се работи и да се развиваат игри од Охрид?Кои се предностите а кои недостатоците да се работи од Охрид?
Мислам дека најголемата причина беше што Охрид е дома. Ние го сакаме Охрид, премногу. Од душевниот мир, до преубавото езеро и историските споменици, до целокупната историја и митологија на овој наш град. Како викаат, дома си е дома. Предности ги има премногу – а според нас, недостатоци, нити еден. Ќе не прашате како е тоа возможно? Од нашето 14 годишно искуство досега, една работа која ја научивме е дека Интернетот навистина го поврза светот. Благодарение на интернетот можеме се да правиме од дома, да користиме локален талент, локална инфраструктура, бизнис можности, да градиме локален и глобален нетворкинг, да запознаваме луѓе, да се дружиме со нив на Јутјуб, на Твич, на Стим, по форуми, да бидиме гости на подкасти и емисии, а социјалните мрежи се уште еден голем додаток за поврзување со експерти, фанови и инвеститори. Едноставно Охрид ги нуди сите предиспозиции за делувај ЛОКАЛНО, развивај ГЛОБАЛНО!
Чести учесници, говорници и (ко)огранизатори сте на разни настани, натпревари и работилници во изминатиот период?Дали може да ни издвоите неколку и која е целата на истите.
Да, најчесто сме биле гости на овие настани, а целта ни е да ги мотивираме младите да размислуваат, да сонуваат и да сфатат дека денес со труд, со планирање и со силна волја се е возможно. Исто така, да им го преставиме светот на гејм девелопментот и да им укажеме дека да, благодарение на интернетот денес, комплетно е возможно да успееш во оваа гранка која постојано расте и се развива.
Раскажете ни нешто повеќе за вашиот најнов проект?
Chasmal Fear е акциона survival horror игра направена во Unreal Engine 5 и се игра од перспектива на bodycam. Играта може да се игра со еден, или со двајца играчи (coop). Дејствието е во 2077 година, во еден огромен (научно-фантастичен) подводен град каде мистериозно луѓето, животните и растенијата почнуваат да мутираат во изобличени мутанти, а вашата цел е да ја истражите мистеријата и да ја спречите мутацијата пред да дојде на површината. Клучни моменти на играта се: ограничени ресурси како муниција што ги тера играчите стратешки да размислуваат дали ќе се борат или ќе се прикрадат, избори кои целосно би го промениле вашиот гејмплеј (ќе ве однесат на скроз нови левели) и чудовиштата непредвидливо мутираат кога ќе ги поразите. Кога би гледале од аспект на инспирација, би приметиле дека играта црпи инспирации од неколку ремек-дела како: Dead Space, Doom 3, Half-Life 2, па и од литературни дела како книгите на Lovecraft.
Од неодамна добивте инвестиција од познат холивудски издавач на видео игри. За каква инвестиција станува збор, што значи тоа за вас и што се беше потребно за да ја добиете истата?
Да, ова ни е втора инвестиција (претходната беше за Mirror Forge со паблишерот DreadXP), додека ова е за Chasmal Fear од паблишерот Snail Games USA / Wandering Wizard. Овде би зборувале онолку колку што договорот ни дозволува, меѓутоа станува за финансиска инвестиција, како и тимови за Quality Testing, комплетно дигитален маркетинг од социјални медиуми, до платени реклами, до Email Newsletter, контакт со новинари и постојано преведување на играта на 14 различни јазици.
Кое е мотото на MystiveDev и зошто се одлучивте баш за истото?
Мотото на Мистив Дев Д.О.О (MystiveDev LLC) е “Define Your Gaming Legacy” – тоа ја преставува нашата основна филозофија како компанија за развој на видеоигри. Веруваме дека видео игрите се многу повеќе од обична забава – тоа е едно создавање на искуства кои оставаат траен впечаток. Без разлика дали станува збор за впечатлива приказна (storyline), иновативни механики или незаборавни multiplayer моменти, сакаме нашите игри да им овозможат на играчите да создадат свои сопствени приказни и спомени.
Баш ова мото ја одразува и нашата посветеност на создавање игри кои ќе го издржат тестот на времето. Нашата цел е да градиме искуства кои играчите ќе ги паметат, ќе ги споделуваат и кон кои ќе се враќаат. Во суштина, да придонесеме кон трајна гејминг оставнина – една во која секој избор на играчот, секоја авантура или заедничко искуство ќе имаат значење.
Која е вашата најомилена парола(мисла) која ве движи и мотивира да се движите напред?
Навистина тешко прашање, ги има неколку:
“Почетната точка на секое достигнување е волја“, “Огромното постигнување најчесто се раѓа од голема жртва, но никогаш како резултат на себичност“, “Победата е секогаш возможна за личност која одбива да престане да се бори“ – Наполеон Хил.
“Ако сакате да одите негде, најдобро е да најдите некој кој веќе бил таму“, “Најмоќното нешто кое го имаме е нашиот мозок“, “Ги има оние кои прават нештата да се случуваат, оние кои гледаат како нештата Се случуваат и оние кои велат Што се случи“ – Роберт Кијосаки.
Кој е ваш најомилен претприемач или претприемачи како role-model-и (примери) на кого се огледате и зошто?
Од аспект на претприемништво, би рекол Наполеон Хил. Меѓутоа, блиску до него би ги ставиле и Роберт Кијосаки, Сајмон Синек, Ронда Брн, Алекс Хормози и нашиот Ниче Димовски. Меѓутоа, претприемачи во гејм девелопмент би ги издвоиле: Томас Браш и Дејвид Вејли.
Кои се вашите идни развојни планови и предизвици? Дали планирате да исфлите нов продукт во наредниот период?
Апсолутно. За 2 – 3 месеци конечно излегува Chasmal Fear, нашата најнова видео игра која ја работиме па речиси 2 години. Веднаш потоа, имаме план за уште еден помалечок проект, а потоа започнуваме нов долгорочен проект кој горе-долу го имаме испланирано, истражено и подготвено во форма на GDD (Game Design Document).
Во моментот сте вработени во сопственото инди студио MystiveDev.Што е тоа што ве мотивираше да се пробате во претприемачките води и да основате сопствена компанија?Дали од секогаш сте сакале да основате нешто свое или овој чекор го избравте подоцна во текот на вашиот кариерен развој?Зошто го избравте овој кариерен пат(самовработување vs да се работи за друга компанија)?
Oтсекогаш сме сакале да имаме свое гејм дев студио, а и подеднакво да бидеме претприемачи. Се разбира дека претходно сме работеле во разноразни фирми, некои неповрзани со гејм девелопмент, фирми за дигитален маркетинг, фриленс работа, меѓутоа тоа што ни беше дефинитивно целта кон која се стремевме цел живот беше баш тоа – отворање на сопствено студио.
Погоре споменавте дека сте активни учесници и подржувачи на низа настани, натпревари, работилници, обуки итн. Колку и во каква мера овие настани ви помогнаа во вашиот успех и што би им препорачале на вашите врсници и идните млади претприемачи?
Најчесто сме биле поканувани како гости на разноразни настани во нашата земја (пр. Global Game Jam+ каде предававме заедно со одличниот Иан Рошлин – основачот на Гејм Џем), меѓутоа повеќето наши учествувања се во странство. Сме учествувале како компанија на неколку настани како што е Gamescom во Келн, Германија, Pax West и Realms Deep во САД, a постојани учесници сме и на онлајн настани како што е Steam Next Fest, Steam Scream Fest, Horror Game Awards и тн.
Овие настани првично најмногу помагаат за потенцијални играчи на жанровите да ги видат нашите игри, да испробаат демо, да го кликнат “wishlist“ копчето на Steam и да станат потенцијални купувачи. Второ, исто така настаните каде што присуствуваш физички многу придонесуваат во личната комуникација со гејмерите кои навистина се љубопитни и обожаваат да зборуваат “позади сцена“ со девелоперите на видео игри. Можете да слушнете фидбек, восхит, па и критики. Трета многу добра работа е вмрежувањето и дружбата – на настани како Gamescom и PAX на пример, добро е познато дека покрај инди компании учествуваат и големи AAA компании. Имавме можност да зборуваме со маркетерите и проект менаџерите на Blizzard (Warcraft, WoW) и 3D Realms (Duke Nukem, Ion Fury, Wolfenstein 3D) и да добиеме доста совети во врска со пласирањето на продукти и маркетинг стратегија. Исто така, пример на Gamescom, сосем случајно, нашата игра Mirror Forge беше избрана да биде на насловна страна на фестивалот што придонесе за доста интервјуа, контакти со новинари и тн. И нормално за крај, спомените.
Што им препорачувате на луѓето кои пак сакаат да се испробаат во гејминг индустријата? Совет, мотивација или СТОП кон оваа гранка?
Никако СТОП - Еве уште една поговорка од Наполеон Хил: “Тој што се откажува никогаш не победува, а тој што победува никогаш не се откажува“. Меѓутоа, еве нешто од нас кое го стекнавме со искуство и работа во изминатите 14 години: Идејата како идеја – не вреди ништо. Акцијата (дејствувањето) и продуктот се тие што вредат. Доколку сакате да бидете успешни инди девелопери, работа која многу инди девелопери ја грешат е следната: создади добра игра и публиката сама ќе си дојде – ова е една огромна грешка. Претприемач апсолутно никогаш не се потпира на среќа. Собирајте податоци, истражувајте и имајте што повеќе увид за маркетот на видео игрите. Ако сте фул-тајм инди девелопер, играта ја правите за вашата публика. Треба да знаете кога и колку да отстапите дел од вашиот сон и да се прилагодите према потребата на пазарот и барањето на играчите.
Интервјуто е дел од заедничка проектна задача на студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле“ – Охрид, а со задоволство поддржан и од Стартап Охрид, првата формална организација за подршка на стартап и високотехнолошки компании во Охрид! Со задоволство ве очекуваме да ни се придужите во реализација на слични проекти и настани на следниот линк1 и линк2. Во меѓувреме за нови настани и вести пратете не на нашиот Startup Ohrid Facebook и Instagram профил.